Нови автомобили се продаваат се' помалку во земјава. И годинава не прекинува трендот на пад на продажбата на новите коли, наспроти половните, каде што од стартот на годинава, дури е регистриран и извесен пораст на увозот. Само 1.643 нови автомобили биле увезени во земјава во првите шест месеци од 2013 година, говорат најновите податоци на Царинската управа на Македонија. Месечно се продавале меѓу 240 до 320 нови автомобили. Во споредба со истиот период минатата година, кога увозот на нови коли бил 2.101 возила, и што исто така важеше за слаб период, намалувањето годинава изнесува 21,8 отсто. Наспроти оваа слика, увозот на половни автомобили се држи солидно во неколкуте изминати години, откако Владата ги олесни условите за нивно внесување во земјава, иако и таму има извесно снижување во однос на првичната „експлозија“ од увоз во првата година.
Нови автомобили се продаваат се' помалку во земјава. И годинава не прекинува трендот на пад на продажбата на новите коли, наспроти половните, каде што од стартот на годинава, дури е регистриран и извесен пораст на увозот.
Само 1.643 нови автомобили биле увезени во земјава во првите шест месеци од 2013 година, говорат најновите податоци на Царинската управа на Македонија. Месечно се продавале меѓу 240 до 320 нови автомобили. Во споредба со истиот период минатата година, кога увозот на нови коли бил 2.101 возила, и што исто така важеше за слаб период, намалувањето годинава изнесува 21,8 отсто.
Наспроти оваа слика, увозот на половни автомобили се држи солидно во неколкуте изминати години, откако Владата ги олесни условите за нивно внесување во земјава, иако и таму има извесно снижување во однос на првичната „експлозија“ од увоз во првата година. Па така, показателите на Царина зборуваат дека во првото полугодие од годинава биле увезени 14.877 употребувани патнички автомобили, додека, пак, во истиот тајминг лани, увозот на стари коли изнесувал 13.446 автомобили.
Импортерите на нови автомобили велат дека главни причини за намалената продажба на возилата се економската криза и нискиот стандард на граѓаните, како и огромниот увоз на половни автомобили, кој според нив, го загушува пазарот на нови коли.
Даниел Воиновски, прв човек на „Еуроимпекс“, генерален застапник на „Пежо“, во интервју за порталот „Фактор“ посочува дека автобраншата во Македонија е на најниско ниво од своето постоење, и во неговото 23 годишно искуство во овој бизнис.
„Економската криза направи промени на меѓународниот пазар, кои се мерат во неколку проценти, но кај нас тоа се мери во десетици проценти пад. Поточно, годинава има намалување во бизнисот од речиси 80 отсто во однос на 2008 година, кога се забележаа најдобрите резултати... Во најлошите години вкупниот пазар на нови возила во Македонија изнесуваше 6.000, во најдобрите продажбата беше околу 18.000 годишно, додека просекот се движел помегу 10.000 до 12.000 возила. Но оваа година, според очекувањата и пресметките, продажбата ќе изнесува само околу 4.000 автомобили. Главната причина е огромниот увоз на половни возила, кои го загушија пазарот на нови“, објаснува Воиновски во интервјуто.
Тој додава и дека заради оваа ситуација на драстично намалена побарувачка за нови возила, некои увозници и дилери на возила веќе ставиле клуч на своите фирми, дел се во фаза на затворање, а останатите преживуваат со драстични мерки за намалување на трошоците за работа и бројот на вработени.
„Утрински весник“ вчера се обиде да добие подетални податоци од Групацијата на импортери на моторни возила при Сојузот на стопански комори, но повеќе на оваа тема ќе може да се зборува по завршувањето на годишните одмори.
Табелите на царинската статистика покажуваат дека во првите шест месеци од 2009 година, вкупниот увоз на нови патнички автомобили изнесувал 5.308, додека, пак, веќе во 2010 година, во истиот шестмесечен период во земјава биле увезени многу помалку нови коли, односно 3.917. Увозот на нови возила продолжува да паѓа и во 2011, кога во првото полугодие биле увезени 3.214 возила, и уште повеќе во 2012, во која за првите шест месеци во земјава „дошле“ само 2.101 нови коли. И, падот продолжува годинава, со увезени 1.643 нови автомобили во првите шест месеци од годинава.
Ако се гледа по години, пак, во текот на цела 2009 година биле увезени вкупно 10.574 нови коли, во 2010 нивниот број бил 7.183. Во 2011 увозот на нови патнички автомобили паднал на 5.795 нови патнички автомобили за цела година, додека, пак, во 2012 биле продадени само 4.021 нови коли.
Кога станува збор за увозот на употребувани автомобили, пак, податоците на Царина покажуваат дека само во јуни годинава, односно за еден месец, биле увезени 2.143 коли, додека, пак, за првите шест месеци во земјава влегле дури 14.877 употребувани патнички автомобили. Во истиот период лани, пак, Македонија станала „домаќин“ на 13.446 употребувани автомобили, што значи нешто помалку од годинава.
Тоа покажува дека македонските граѓани и натаму им даваат предност при купувањето на поевтините половни возила, наместо да си дозволат да си купат нова убавица на четири тркала. „Знам дека ново си е ново, но не можам да си дозволам да набавам нов автомобил, едноставно немам од каде да најдам 10 до 12 илјади евра, а не можам ни да се задолжам, бидејќи веќе отплаќам други кредити. Затоа можна е и варијанта да размислувам за купување половен автомобил“, вели еден скопјанец.
Инаку, бумот на увоз на употребувани патни возила, како што говорат податоците на Царина, беше во 2010, кога стартуваа олеснетите услови за увоз, и кога за цела таа година во земјава влегоа 51.399 стари коли. Потоа, во 2011 интересот за стари возила малку стивна и во таа година беа увезени 34.326 коли, додека, пак, во 2012 вкупниот број на увезени половни возила за цела година е 28.546 коли, а со оглед на сегашниот тренд, слична бројка би требало да се очекува и за оваа година.
Дел од импортерите неофицијално коментираат дека во државава мора да се земе предвид и еколошкиот фактор, односно зголеменото загадување што е последица на употребата на половните возила.